Заев на самит на европските лидери со кинескиот претседател: Соработката со Кина е од интерес за регионот

пред 4 години

Премиерот Зоран Заев денеска учествуваше во работата на Самитот на Кина и земјите од Централна и Источна Европа 17+1, што се одржа преку онлајн конференциска врска.

Како што информираат од владината прес-служба, во свечениот дел од Самитот, претседателот на Кина, Шји Џјинпинг, ги поздравил и им посакал успешна работа на шефовите на држави и влади вклучени во иницијативата 17+1, која постои веќе 9 години.

Џјинпинг се осврнал на придобивките од иницијативата и информирал дека во име на идниот развој на соработката меѓу Кина со земјите од Централна и Источна Европа, неговата земја во наредните пет години утврдила план за поголема вредност на увозот од овие европски земји во висина од 15 милијарди долари, како и зголемување на соработката во повеќе области како земјоделството, енергетиката, патната инфраструктура, образованието, а особено во здравството, на полето за сузбивање на пандемијата.

Заев во своето обраќање истакнал дека Северна Македонија уште од почетокот на воспоставувањето на процесот активно учествува во поголем број активности.

„Сега е време да се подготвиме за пост-ковидската ера и обновување на нашите општества и економии, и во таа насока секако е важно да се интензивираат различните форми на економска соработка. Имајќи го предвид ова, сметаме дека соработката во рамките на 17 + 1 треба да биде насочена кон специфични проекти и да има конкретни резултати, особено во областите на економската и трговската размена и капиталните инфраструктурни проекти“, нагласил Заев.

Претседателот на Владата потенцирал дека за суштински развој и поголема соработка, особено е важно да се обезбеди слободна трговија – ослободена од административни пречки, понатамошно отворање на кинескиот пазар за производи од Централна и Источна Европа, фер конкуренција, еднаков третман на компаниите од регионот на кинескиот пазар, почитување на принципите на реципроцитет и принципот на заемна корист и почитување на утврдените мултилатерални трговски правила на Светската трговска организација.

Заев ги информирал шефовите на држави и влади на Самитот за имплементација на Стратегија за енергетска транзиција на Северна Македонија во следните пет години со инвестиции во обновливи извори на енергија до 2030 година за одржлива иднина на овој план.

Share
Scroll to Top