Меган Маркл по две години победи во судскиот процес против „Асошиејтед њузпејпер“, еден од најголемите британски таблоиди. Таа ги тужеше за нарушување на приватноста, откако ја објавија содржината на писмото што го испрати до нејзиниот татко, кој живее во Мексико. Делови од писмото беа објавени од таблоидите „Меил он сандеј“ и „Меил онлајн“, кои се во сопственост на „Асошиејтед њузпејпер“.
„Меган Маркл имаше разумни очекувања дека содржината на писмата ќе остане приватна, но таблоидот ги прекрши тие очекувања“, рече судијата Марк Ворби, кој досуди во полза на војвотката. Тој дополнително ќе утврди колку пари ќе треба „Асошиејтед њузпејпер“ да ѝ исплати на Маркл.
„Му благодарам на судот што побара одговорност од тие весници за нивните незаконски дела и дехуманизација“, изјави Маркл и додаде дека парите што ќе ги добие ќе ги донира преку добротворни организации кои се борат против врсничкото насилство, пишува „Ен-би-си њуз“.
Во текот на судењето се појавија и документи кои сведочат за тврдењето на Меган дека се чувствувала незаштитена од страна на кралското семејство додека била во центарот на вниманието за време на нејзината бременост. Беа прикажани и пораките на принцот Хари до нејзиниот татко, направени неколку дена пред нивната венчавка, во кои го моли да престане да комуницира со медиумите.