„Кога ќе почнат паничните напади, сакам да ги избркам сите лоши мисли“, водителката Милена Антовска искрено за анксиозноста

„Кога ќе почнат паничните напади, сакам да ги избркам сите лоши мисли“, водителката Милена Антовска искрено за анксиозноста

пред 4 години

„Во декември во 2019 во еден ресторан во Солун имав прв паничен напад. Наеднаш почувствував болка во стомакот, срцебиење и чувство дека ќе се онесвестам. Веднаш станав и заминав во тоалет затоа што ми беше страв дека ќе паднам. Тоа помина, па следува и други такви напади во наредниот период, но најчесто кај мене се манифестира со страшни болки во желудникот. Толку се опседнав со тоа дека нешто здравствено не е во ред со мене, што ги направив сите можни прегледи. Кога ми кажаа дека сè е во ред, болките престанаа. Тогаш сфатив дека е време за психолог и бев сигурна дека во прашање е анксиозност“.

Вака го почна разговорот за „Репортер“ водителката на „Канал 5“, Милена Антовска, која е мајка на тригодишната Лана Марија. Таа веќе две години се бори со анксиозноста. Со овој проблем, според податоците, се соочува речиси 10 проценти од населението и стана тема за која сè почесто јавно се зборува. Мотото „да не нè убие срамот“ е сосем доволна причина за проблемот да си ја отвори душата и водителката Антовска, која реши да ја сподели својата приказна.

„Додека пешачев на Водно, сосема спонтано решив да споделам со моите пријатели и следбеници на ‘Инстаграм’ дека се соочувам со овој проблем. Искрено, ова трае подолго време, но некако претходните месеци, па и година, не се чувствував подготвена јавно да проговорам. Ми беше страв дека ако постојано зборувам за тоа, ќе ми биде полошо. Сега го мислам спротивното. Знам дека многу луѓе ја имаат оваа состојба и кај нас и во светот и тоа ми дава сила дополнително затоа што знам дека не сум сама“, вели Милена Антовска за „Репортер“.

Постојано размислува за причините и од каде баш таа во оние 10 проценти што се плашат да спијат мирно. Вели: „Мојот најголем страв е осаменоста. За среќа, не сум сама и ги имам вистинските луѓе околу мене, но веројатно не сум единствената што се плаши да не остане сама“.

Најчесто причините за појава на паничните напади што ги наведуваат се стравот или губење блиска личност, стрес и темпо на живеење.

„Мојата причината се стресот, професијата и, најверојатно, ненаоѓањето на вистинскиот издувен вентил за ослободување на напнатоста што сите ја имаме во денешно време. Постојано трчаме, брзаме, работиме. Мислам дека дека кај мене почна постпородилно, ама не бев свесна. Потоа прерасна во некој вид анксиозност“, искрена е Милена.

Таа ни откри дека првата година од раѓањето на ќерката била целосно посветена на мајчинството. Но, како поминувало времето вели како да заборавила дека не е само мајка, туку имала и други работи во животот.

„Покрај сè што ни се случува мора да најдеме малку време за себе за да не се изгубиме. Потиснував во себе подолго време мислејќи дека тоа што ми се случува е резултат на замор, на лош ден. По првиот паничен, оној во Солун, и моментот подоцна кога сфатив дека е време за психолог и дека имам проблем со анксиозност, сепак среќата е на моја страна оти имам огромна поддршка од моето семејство. Пред сè, и од мојот сопруг и не знам што би правела без нив. Тука се и неколку мои другарки, кои во кое и да било време и да им се јавам се спремни за разговор“, раскажува Антовска.

„Сепак, најмногу се загрижувам кога сум сама со својата ќерка Лана Марија, а анксиозноста решила баш тој ден да дојде. Но, од друга страна, пак, кога сум со неа, знам дека морам да бидам добра и се фокусирам на неа и ги бркам сите лоши мисли од мојата глава. Сфатив дека во тие моменти не треба да се форсирам, туку полека да дишам и издишувам или да легнам малку и ќе помине. Исто така, ми помагаат пешачењето, слушањето музика и пеењето. Имам караоке дома, па сега тоа ми е хит. Инаку, не сакам многу да читам на интернет, повеќе разговарам со стручни лица, но сакам да прочитам некои искуства од луѓе што веќе подолго време се соочуваат со оваа состојба“, искрена е Антовска.

На прашањето дали сега ѝ е полесно откако проговори јавно, вели: „Па не знам дали ми е полесно, но се надевам дека на некои други им е полесно со тоа што го споделувам моето искуство. Не го направив тоа за некој да ме сожалува, туку за да им кажам дека и покрај сè, сите сме луѓе“.

Настрана анксиозноста, Милена сега е дел од  емисијата „Мојот најдобар рецепт“. Вели дека тука се пронашла себеси и дека се чувствува покреативна и поисполнета. За мајчинството, пак, вели: „Многу ме промени. Ја почувствував најискрената и најсилна љубов што човек може да ја почувствува. Ми се променија приоритетите, буквално сè си доби друга смисла и димензија во мојот живот. Со сопругот Гордан уште првиот месец знаевме дека нашата ќерка ќе се вика Лана. Бидејќи е родена на 28 август, на Успение на Пресвета Богородица, немавме сомнеж дека ќе го додадеме името Марија. Таа е многу чувствителна, а таква сум и јас, весела е, комуникативна и со сите веднаш се спријателува“.

За сопругот вели: „Гордан е одличен татко, малку е построг од мене, ама тоа ми се допаѓа и имам поддршка од него за сè поврзано со нашата ќерка. Се запознавме во кафеана, а еве во мај ќе одбележиме 4 години од нашиот брак“.

Александра Георгиев

Share
Scroll to Top