Ефектот од Ковид-19 во првите шест месеци од 2020 година скрати една година од очекуваниот животен век на Американците, покажуваат податоците на американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), што е најголем пад од Втората светска војна, пренесува РТ.
Од јануари до јуни минатата година, очекуваниот животен век на вкупното население во САД бил 77,8 години, што е пад од 78,8.
Податоците на ЦДЦ покажаа пад кај мажите од 76,3 години на 75,1 години, а и жените може да очекуваат да живеат речиси една година помалку или во просек 80,5 години наместо 81,4 години.
Малцинствата се најтешко погодени, па очекуваниот животен век кај Афроамериканците е намален од од 74,7 на 72 години додека кај Латиноамериканците падна за речиси две години (од 81,8 години на 79,9). Агенцијата ги споредила првите шест месеци од 2020 година со целата 2019 година.
„Ова е огромен пад. Треба да се вратиш во Втората светска војна, 40-тите години на минатиот век, за да најдеш ваков пад“, рече Роберт Андерсон од ЦДЦ.
Здравствените статистичари веќе знаеја дека 2020 година е најлошата година според смртни случаи во историјата на САД, со повеќе од три милиони починати – од кои Ковид-19 усмрти речиси половина милион – но новите податоци го покажуваат влијанието на вирусот врз смртните случаи од други состојби, како срцеви заболувања и рак.
„Она што е навистина впечатливо во овие бројки е тоа што тие ја одразуваат само првата половина на годината. Би очекувал дека овие бројки само ќе се влошат “, рече д-р Кирстен Бибинс-Доминго од Универзитетот во Калифорнија.
Ова е прв пат ЦДЦ да објави информации за очекуваниот животен век засновани на шестмесечни податоци.