Повеќето европски земји повторно се одлучија за затворање и построги мерки за справување со новиот бран на коронавирус, откако новите видови земаа замав.
Јужноафриканскиот сојуз пристигна и во регионот, каде што беа регистрирани првите случаи во Словенија и Хрватска, кои, пак, одлучија да ги релаксираат мерките. Србија, каде бројот на новозаразени лица е над 3.000 на ден, воведе построги мерки викендов во обид да се спречи ширењето на вирусот.
Грција, Холандија, Данска и Италија се определија за делумно олеснување на мерките, главно по региони.
Од друга страна, Франција, Чешка, Шпанија и Португалија воведуваат нови построги мерки и нови затворања.
Карантинот во Белгија е продолжен, а строгите мерки остануваат на сила во Германија и Ирска. Шведска истотака воведе построги мерки пред неколку дена.
Франција – делови од земјата се затвораат
Делумното затворање е на сила од овој викенд во делови на Франција кои се особено тешко погодени од пандемијата на коронавирус, имено областа Ница и крајбрежјето на југ и север околу Данкирк.
Затворањето важи само за време на викендите, кога луѓето можат да излегуваат само од оправдани причини. Продавниците, освен супермаркетите и аптеките, се затворени.
Дозволено е излегување од домот за спортување, одење на прошетка во радиус од пет километри, пазарење, работни обврски и шетање куче. Граѓаните мора да го документираат излегувањето од дома со пополнет образец.
Германија – строгите мерки остануваат на сила
Германија исто така се соочува со зголемување на бројот на заразени лица. Таму се на сила строги мерки, кои вклучуваат затворање на сите продавници (освен продавници за храна и аптеки), училишта, ресторани, кафулиња и барови, фризерници, трговски центри. Приватните собири се сведени на само едно лице од друго домаќинство, а носењето „рачно изработени“ маски е забрането. Училиштата се отворени во неколку држави, а наскоро се очекува да се отворат и фризерските салони. Мерките треба да бидат на сила до 8 март, но канцеларката Ангела Меркел не ја исклучи можноста за нивно продолжување.
Грција – попуштање на мерките по строга блокада, полицискиот час останува на сила
Грција има нешто полесна ситуација благодарение на строгиот карантин, што го намали растот на нови инфекции, што доведе до отворање на продавниците и основните училишта. Во јануари, сепак, се појавија таканаречените „црвени зони“ – области со поголем број заразени и починати, поради што беше воведено заклучување на зоната и затворање на училиштата, фризерските и салоните за убавина и продавниците. Во Атина, Солун и Халкидики на сила е ноќниот полициски час во текот на работната недела, кој е построг за време на викендот, од 18 до 5 часот наутро.
Италија – повеќето од мерките остануваат на сила, но има и олабавувања
Италија го задржа полицискиот час од 22 до 5 часот наутро, а воведена е и забрана за патување меѓу 20 региони. Маските во јавноста се задолжителни, во затворени простории, но исто така и на отворено и тоа се однесува на целата земја. Во некои делови од земјата, баровите и рестораните се повторно отворени – до 18 часот, а средните училишта се отворени, иако со намален капацитет.
Чешка – ситуацијата во болниците е критична
Една од најтешко погодените земји во ЕУ ја заострува блокадата. Чешка се приближува до бројката од 20.000 смртни случаи, а премиерот изјави дека „ситуацијата во болниците е речиси до вистинска катастрофа“. Затоа Владата во петокот донесе одлука за воведување на нова вонредна состојба, која ќе стапи на сила во недела и ќе трае 30 дена.
Шпанија – полициски час до мај
Во Шпанија на сила е полициски час, кој ќе трае најдоцна до мај. На луѓето им е дозволено да излегуваат само поради работа, образование и пазарење, односно во случаи кога треба да обезбедат помош за стари лица и деца. Сите над шест години мора да носат маска во јавниот превоз, како и на јавни места. Маските се задолжителни во повеќето региони и на отворени простори.
Белгија – продолжен карантин
Белгија го продолжи карантинот до 1 април и сите несуштински патувања се забранети. Максимум едно лице е дозволено да посети друго домаќинство, а максималниот број на луѓе собрани на отворено е четири лица. Училиштата и продавниците се отворени, но луѓето мора да одат сами на шопинг и не смеат да останат во продавницата повеќе од половина час. Маските се задолжителни насекаде.
Португалија – воведена нова блокада
Португалија исто така воведе ново затворање на 15 јануари. Работата од дома е задолжителна, Продавниците и услужните дејности се затворени. Кафулињата и рестораните можат да вршат само испораки. За повеќето деца, училиштето е затворено и се очекува овие мерки за ново затворање да бидат на сила најмалку до 1 март.
Холандија – полицискиот час останува, но некои мерки се олабавуваат
Холандската влада донесе одлука за олеснување на некои мерки. Од 1 март средношколците ќе имаат барем еден ден настава во училиштата. Се отвораат фризерски салони и други „контактни“ професии, освен сексуалните работнички. Лицата помлади од 27 години можат да се занимаваат со спорт на отворено. Полицискиот час е сè уште на сила и покрај големите немири што избувнаа поради него.
Данска – Дел од мерките се олеснети
Данската влада донесе одлука за олеснување на некои мерки. Секторот за малопродажба се очекува да се отвори во март, а можни се активности на отворено за групи до 25 лица. Децата исто така се очекува да се вратат на училиште, но само во области со мала стапка на новозаразени.
Ирска – На сила најстроги мерки
Ирска се врати на строгата блокада на крајот на декември откако претходно дозволи патувања за време на Божиќните празници. Строгите мерки ќе бидат на сила барем до 5 март. Нема излегување од дома освен за одење на работа, училиште и од други, суштински причини. Вежбањето е дозволено, но само во радиус од пет километри од дома. Забрането е дружење во куќи. Свадбите се ограничени на шест лица, а погребите на 10. Сите продавници кои не се неопходни, спортските сали, базените и просториите за одмор се затворени. За рестораните, пабовите и кафулињата е дозволена само продажба од шалтер или достава.
Шведска – Владата ги воведе првите големи ограничувања
Шведска долго време избегнуваше воведување строги мерки, но на 10 јануари беше донесен закон за итни случаи, кој веднаш стапи на сила и и овозможи на владата да воведе некои ограничувања поради короната за првпат. Сега од луѓето се бара да носат маски во јавниот превоз за време на фреквентните периоди кога има поголеми гужви. Пред неколку дена беше воведена забрана за продажба на алкохол по 20 часот и само четири лица имаат право да седат на маса во ресторани. Јавните собири се ограничени на осум лица, а наводно се разгледуваат и други мерки.