Пратеник направил скандал на Блаце: „Никаде не чекам ред, нема ни тука да чекам“

пред 4 години

Пратеникот Абдула Салиу од Алијансата на Албанците, на враќање од Косово направил скандал на граничниот премин Блаце.

Тој бил со семејството и сакал да помине побрзо бидејќи пред него имало голема колона на возила. Ја престигнал колоната возејќи покрај нив, па со висок тон им се обратил на полициските службеници барајќи да го пуштат.

За случајот попладнево информираа од Министерството за внатрешни работи. Велат дека Салиу на полициските службеници им рекол: „Никаде не чекам ред, па нема ни тука да чекам“

„На 27.02.2021 во 18.25 часот на Граничен премин „Долно Блаце“, А.С.(60) од Скопје, кој се претставил како пратеник во Собранието и кој бил со неговото семејство со патничко возило „фолксваген пасат“, со скопски регистарски ознаки, на висок тон се обратил на полициските службеници со образложение дека никаде не чекал ред и дека ни тука нема да чека“, велат од МВР.

По целосно документирање на случајот, против Салиу ќе бидат изготвени поднесоци по член 4 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, по Законот гранична контрола (избегнување гранична контрола) и по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата (престигнување колона).

Пратеникот Салиу за случајот вели дека побарал да помине побрзо оти имал дипломатски пасош, но тврди дека полицијата и царината биле дрски со него.

Share
Scroll to Top