Неколку научни тимови од целиот свет работат на развој на вакцина против коронавирусот што би се давала назално, во форма на спреј.
Повеќето вакцини што се користат во моментот се даваат со инјекција во рака, но научниците веруваат дека би имало многу повеќе смисла за респираторните вируси да се гради имунитет на првото место на контакт со организмот, што се случува во мембраната на носот, устата и респираторниот тракт, пишувa шпански „Ел паис“.
На овој начин веќе се користат неколку вакцини против грип, а се верува и дека оралната вакцина против полио (полиомиелитис) , одобрена во 1961 година, помогнала да се спречи болеста, особено кај децата.
Вирологот Рик де Сварт од медицинскиот центар „Еразмо“ во Ротердам вели дека вакцините против коронавирусот кои моментално се користат штитат од тешки форми на Ковид-19, но дека тие не секогаш го спречуваат пренесувањето на вирусот.
„Вакцините дадени преку носот можат да обезбедат подобра заштита, иако останува да се види дали ќе се појават на пазарот пред крајот на пандемијата“, рече Сварт.