Македонија повторно се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја

Македонија повторно се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја

пред 4 години

Македонија 12. пат се вклучува во акцијата Часот на планетата Земја, еколошката акција чија цел е да предупреди дека климатските промени се случуваат и оставаат трајно последици. Акцијата ќе се одржи на 27 март, со почеток во 20:30 часот, и 60 мунути ќе бидат изгасени светилките на сите големи објекти во Македонија. Во акцијата ќе учествуваат 8.000 градови во преку 180 држави во светот.

Часот на планетата Земја и Светскиот фонд за природа (WWF) оваа година ќе го искористат светскиот едночасовен мрак да алармираат дека зачувувањето на природата и биодиверзитетот, намалувањето на ефектот од климатските промени и одржливото живеење се пресудни за нашата иднина на оваа планета.

Глобалните истражувања покажуваат на тоа дека светот не успеал да ги исполни целите за зачувување на биодиверзитетот во 2020 година, и тоа се случува веќе 10 години по ред. Часот на планетата Земја како еколошка акција е клучна можност за поединците, невладините организации, бизнисите и сите други да ги повикаат светските лидери да го стават фокусот на зачувување на природата, како најважната алка за опстанокот на животот на Земјата.

„2021 година е клучна година за човештвото. Додека светот се обидува да се опорави од пустошот на пандемијата со КОВИД-19 и да се изгради повторно, треба да ја ставиме природата во центарот на нашите напори за обновување за да ја осигураме нашата иднина на оваа планета. Часот на планетата Земја е критичен момент за поединците, лидерите и еколозите да се обединат и да повикаат на итни мерки за да се врати загубата на природата и да се обезбеди природен позитивен свет до 2030 година,“ вели Марко Ламбертини, генерален директор на Светскиот фонд за природа.

Спотот за оваа еколошка акција кај нас е снимен со поддршка на Црвениот крст, Здружението на извидници на Македонија и голем број на познати личности.

Ѓорги Селков од локалната канцеларија на акцијата во Македонија, вели дека поради пандемијата, оваа година настанот ќе се одбележи виртуелно и повикува акцијата да ја префрлиме од улиците во нашите домови, со тоа што ќе ги исклучиме непотребните светилки во период од еден час.

„Полицискиот час во Македонија започна со одбележувањето на Часот на планетата Земја минатата година, и еве една година потоа, ние повторно виртуелно ќе ја одбележиме оваа иницијативи. На повеќе локации во нашата земја еден час ќе се исклучат светилките, секако доколку не се зголемат или продолжат превентивните мерки против пандемијата. Повикот за акција важи и за граѓаните, па ги повикуваме масовно да го исклучат непотребното осветлување и во своите домови“, вели Селков.

Часот на планетата Земја почна како симболичен настан во Сиднеј во 2007 година, а денес се одбележува во преку 180 земји и територии како глобален момент на солидарност за планетата

Share
Scroll to Top