Турција испрати погрешен сигнал, смета Германија

пред 4 години

Одлуката на Турција да се повлече од Истанбулската конвенција, наменета за заштита на жените од семејно насилство, испрати погрешен сигнал до Европа и турските жени. Ова денеска го соопшти германското Министерство за надворешни работи.

„Ниту културните, ниту верските, ниту другите национални традиции не можат да бидат изговор за да се игнорира насилството врз жените“, изјави портпаролката на германското Министерство, пренесува Ројтерс.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган одлучи да се повлече од меѓународниот договор за заштита на жените и покрај апелите на активистите кои сметаат дека документот е клучен инструмент во борбата против растечкото семејно насилство.

Иако во Турција е забележано зголемување на семејното насилство во текот на изминатата година, официјална Анкара одлучи да се повлече од договорот, кој е под покровителство на Советот на Европа договорен во Истанбул и кој Турција го потпиша во 2011 година, објави Ројтерс.

„Правата на жените се загарантирани со нашите закони, особено со Уставот. Нашиот судски систем е доволно динамичен и силен за да спроведе нови законски мерки кога е потребно“, рече министерката за семејство, труд и социјална политика, Зехра Зумрут, без да прецизира од која причина Турција реши да се повлече од меѓународниот договор.

Сепак, турските конзервативни кругови, кои се противат на родовата еднаквост, сметаат дека меѓународниот договор ја поткопува семејната структура, го охрабрува насилството и ја промовира хомосексуалноста.

Потегот на Анкара дополнително ќе ја оддалечи Турција од ЕУ, која сака да се приклучи на Унијата, додава Ројтерс.

И француското Министерство за надворешни работи денес објави дека длабоко жали за одлуката на Турција да се повлече од меѓународниот договор и дека овој потег означи нов удар за оваа земја во однос на почитувањето на човековите права.

„Оваа одлука првенствено ќе има негативно влијание врз Турците, на кои Франција им ја изразува целата своја солидарност“, се вели во соопштението на француското министерство, пренесува Ројтерс.

Share
Scroll to Top