Актерката Данијела Штајнфелд го обвини актерот Бранислав Лечиќ дека ја силувал во 2012 година. Во интервју за „Инсајдер“ таа вели дека две години се лекувала од посттрауматско нарушување и призна дека размислувала за самоубиство. Од своја страна, Лечиќ, изјави дека тврдењата за силување се најодвратна лага.
„Ме силуваше мојот колега и драг пријател Бранислав Лечиќ, во мај 2012 година. После тоа, четири дена игравме претстава. Бев во шок. Сакав веднаш да повикам полиција, но размислував што ќе се случи. Мора да ја разберете таа ситуација“, вели Штајнфелд во интервју за „Инсајдер“.
Таа нагласува дека во тоа време била убедена дека јавноста нема да ѝ верува затоа што го имала само нејзиниот збор против неговиот, затоа што тој бил постар колега, успешен и славен актер.
Штајнфелд сега вели дека повеќе не ѝ е важно кој ќе ѝ верува.
Таа во петокот пристигна во Белград од Њујорк, каде живее со години, за да даде изјава пред обвинителството, а случајот го откри и за „Инсајдер“.
„Јас велев не цело време, сè додека можев“, вели Даниела.
Само 40 дена по трауматскиот настан, таа успеала да замине во Америка и сакала да заборави на сè. Но, како што вели, тогаш почнале психичките проблеми. Престанала да спие и да јаде, а во еден момент таа дури помислила и на самоубиство.
Лекарите ѝ дијагностицирале посттрауматско нарушување.
„Две години се лекував од посттрауматско нарушување. Во тоа време, не можев да функционирам нормално како личност, да се чувствувам безбедно. Претежно бев затворена. Ако некој ме потсетеше на него во која било смисла, ми се јавуваа потешкотии со дишењето и добивав напади на паника“, рече Даниела во интервју за „Инсајдер“.
Претседателот на движењето Демократите на Србија и професор на Факултетот за современа уметност изјави дека тврдењата дека ја силувал актерката Даниела Штајнфелд се најодвратната лага што го дискредитира.
„Апсолутно го почитувам законот и правните институции на оваа држава и подготвен сум во секое време да одговорам на ваквото обвинување во Обвинителството. Ова е најодвратната лага што ме дискредитира “, изјави Лечиќ.