Ново истражување покажа колку долго ќе траат антителата кај некои луѓе

пред 4 години

Должината на имунитетот на коронавирус може да варира од личност до личност, сугерира една нова студија.

Научниците од Сингапур заклучија дека за некои луѓе антителата и имунитетот базиран на Т-клетки може да траат со години.

Тим од медицинското училиште во Сингапур вели дека нивните откритија обезбедуваат докази дека е можно некои претходно заразени пациенти со коронавирус повторно да се инфицираат за време на следните бранови или со мутирани варијанти на коронавирусот.

Тимот проучувал 164 пациенти во Сингапур во период од шест до девет месеци.

Најмалку една третина од учесниците немале промени во нивото на антитела по најмалку шест месеци, а некои дури имале и зголемување, што укажува на тоа дека нивниот имунитет може да трае со години, смета истражувачкиот тим.

Клучната порака на оваа студија е дека долговечноста на функционалните неутрализирачки антитела на САРС-CoV-2 може да варира во голема мера и важно е ова да се следи на индивидуално ниво.

Студијата покажа дека повеќето пациенти имаат високо ниво на Т-клетки, дури и меѓу оние во „негативната“ група. Ова значи дека поединците сè уште можат да бидат заштитени ако имаат силен одговор на Т-клетките, и покрај ниското ниво на неутрализирачки антитела.

Присуството на Т-клетки дава надеж за долготрајна заштита, за што ќе бидат потребни повеќе студии и време за да се потврдат епидемиолошки и клинички докази, велат експертите.

Share
Scroll to Top