Се слушале телефони, се следеле осомничени и цела година се собирале докази, ова обвинителката Вилма Русковска го изјави за акцијата спроведена во Грчец и Гази Баба. Таа кажа дека засега меѓу осомничените за нелегална трговија со дрога, нема полициски службеници. Но, дополнително ќе се вештачат телефоните и доколку се најде таква комуникација, бројот на лица кои ќе се гонат ќе се зголемува.
„Приведените се наоѓаат во повеќе полициски станици, но колку што сум информирана по одредени лица се уште се трага. Имаме докази. Не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага. Се плашевме да не ни се пробие целата акција, но од понеделник ќе почне и финансиска истрага“, изјави Русковска.
Таа нагласи, дека некаде се уште траат претресите. Досега се пронајдени и одземени дрога, автомобили и пари, во повеќе објекти каде претресите се завршени. Уапсените ќе бидат предадени на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, по што, ќе бидат спроведени во Кривичниот суд. Неофицијално, ќе се бараат и притвори за дел од осомничените.
Во акцијата беа вклучени специјалните единици на МВР, а станува збор за сузбивање на поголема група на луѓе кои се теретат за сериозен криминал меѓу кои нелегално тргување со дрога. Со оглед дека акцијата и натаму трае, детали за истата се најавуваат по нејзиното завршување.