Евентуалното влегување на Украина во НАТО би довело до голема ескалација на тензиите на југоистокот на таа земја и може да има неповратни последици за украинската државност, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова.
„Внимававме на изјавата на претседателот на Украина, Володимир Зеленски, кој вчера беше во Донбас, дека влегувањето на земјата во НАТО, наводно, ќе доведе до крај на конфликтот во регионот“, рече Захарова, а пренесува РИА Новости.
Сепак, таа посочи дека хипотетичко членство во Алијансата, спротивно од очекувањата на Киев, не само што нема да донесе мир во Украина, туку, напротив, ќе доведе до голема ескалација на тензиите на југоистокот од земјата и можно е да резултира со неповратни последици по украинската државност.
Захарова повторно ги повика властите во Киев да покажат, како што рече, одговорен пристап и конечно да започнат со исполнување на своите обврски од договорот од Минск.
Според неа, ситуацијата во Донбас е тешка и има тенденција на натамошно влошување, а причината за тоа е борбеното расположение на Киев, кој според неа, сè уште живее во илузија кога станува збор за решавање на конфликтот на југоистокот со употреба на сила.