Париз: Французите да го напуштат Пакистан поради сериозни закани за нивната безбедност

пред 4 години

Француската амбасада во Пакистан апелираше до своите граѓани привремено да ја напуштат земјата поради засиленото антифранцуско расположение и акциите на една, сега забранета, радикална исламистичка група по прикажувањето на карикатурите на пророкот Мухамед, пренесува РТ.

„Поради сериозните закани по француските интереси во Пакистан, на француските државјани и на француските компании им се препорачува привремено да ја напуштат земјата“, се вели во писмото на Француската амбасада до нејзините граѓани во Пакистан.

Овој потег следи по еднонеделните интензивни протести против француските интереси во земјата, при што радикалната исламистичка партија Техрик-е-Лабаик Пакистан ги парализира двата најголеми града во земјата, Лахор и Карачи, како и главниот град Исламабад, барајќи протерување на амбасадорот на Франција.

Групата, која беше забранета во средата согласно Законот за антитероризам, го направи прашањето за богохулење свој протестен повик. Таа од ноември повика на протерување на францускиот амбасадор и забрана на сите француски добра, по поддршката која претседателот Емануел Макрон ја даде за слободата на изразување и неговото одбивање да го осуди прикажувањето карикатури на пророкот Мухамед.

Во ноември, групата ги блокираше автопатите и ја повика владата да ги разгледа нејзините барања. Организацијата се закани дека ќе започне протести на 20 април ако владата не ги исполни нејзините барања, но апсењето на нејзиниот лидер во понеделникот предизвика нов бран демонстрации.

Во средата, пакистанскиот министер за внатрешни работи, Шеик Рашид, потврди дека двајца полицајци биле убиени, а 340 се ранети од демонстранти во изминатите 48 часа во масовните протести во земјата, предводени од Техрик-е-Лабаик.