Физичката неактивност е поврзана со многу потешки симптоми на коронавирусот и го зголемува ризикот од смрт, покажа студија во која биле опфатени скоро 50.000 испитаници заразени со вирусот.
Луѓето кои не биле физички активни најмалку две години пред пандемијата, имале поголема веројатност да бидат хоспитализирани, третирани на одделот за интензивна нега или да починат, објавија истражувачите во магазинот „Бритиш журнал оф спортс медисин“.
Како ризици за тешка форма на Ковид-19, пред физичката неактивност биле само возраста и ако некое лице имало трансплантација на орган, открива студијата.
Во споредба со другите фактори на ризик врз кои испитаниците можат да влијаат како пушење, дебелина или висок крвен притисок, физичката неактивност е највисок фактор на ризик, заклучуваат авторите на студијата.
Иако врската е статистички убедлива, студијата не е спроведена како клиничко испитување и не може да се смета за директен доказ дека недостатокот на физичка активност директно предизвикува различни исходи кај пациентите, истакнуваат истражувачите.