Министерството за здравство следната недела ќе преговара со српскиот Институт за вирусологија, вакцини и серуми „Торлак“ да стане наш стртепки партнер за набавка на вакцини. Иако во моментов нема да се прават нови нарачки на вакцини, партнерството е за да се обезбеди извор на вакцини доколку за тоа се појави потреба.
„ Во вторник заедно со претставници од Министерството за здравство одиме во официјална посета на Белград. Ќе се сретнеме со министерот Лончар и со директорката на Институтот ’Торлак’. Ќе разговараме и за некаков стратешки план за набавка на вакцини од Институтот ’Торлак’. Во овој момент не ни се потребни, но гледаме како се одвива работата со пандемијата. Има разни најави. Не можеме да претпоставиме како ќе се одвива и сметам дека е најлогично решение Институтот ’Торлак’ да ни биде стратешки партнер во делот на набавка на вакцините понатаму, кога ќе треба согласно тоа како ќе се одвива пандемијата“, рече министерот Филипче.
Српскиот Институт „Торлак“ во средата почна да ја произведува руската вакцина „спутник В“.
Министерот Филипче вчера извести дека, засега, нови количини вакцини нема да се набавуваат оти е договорена набавка на 2,6 милиони дози од различни производители одговарајќи на новинарско прашање дали се преговара за нова набавка со „Торлак“.
На состанокот во Белград, министерот Филипче рече дека ќе разговараат и теми во делот на соработката која ја имаат надвор од прашањето за вакцините како што е доажањето нивни експерти кај нас во делот на гинекологијата, неонатологијата како и во делот на кардиохирургијата.