Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги престави првите четири избрани економски советници, кои ќе бидат упатени во рамките на нашите амбасади за да ги предводат и имплементираат економските политики.
Амбасадорот Илија Псалтиров, кој е доктор по економски науки, ќе биде упатен во Варшава, од каде покрај Полска, ќе ги покрива и останатите земји од групата Вишеград, како што се Чешка, Словачка и Унгарија.
Абдилџемил Саити, ќе оди во Германија, и тоа во Конзулатот во Минхен, од каде ќе се покриваат економските активности и за Австрија.
Сузана Тунева, магистер по меѓународни економски односи, ќе биде испратена во амбасадата во Анкара.
Бекри Ајдини, магистер по меѓународна економија, ќе биде упатен во амбасадата во Абу Даби.
„Задачата на економските советници ќе биде секако да ги престават потенцијалите на Република Северна Македонија како привлечна дестинација за странски инвестиции; да ја промовираат земјата како атрактивна туристичка дестинација; да ги промовираат нашите извозни потенцијали; но и воопшто да ја промовираат Северна Македонија како економски и политички бренд кој претставува дел од современото општество“, истакна Османи.
Покрај испраќањето економски советници, во рамки на проектот за зајакнување на економската дипломатија Османи најави и видео-конференции со нашите партнери во овие земји и региони.
Во втората половина од годинава ќе бидат испратени наши претставници и во Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации или ФАО, во Рим како и претставник во канцеларијата на Светската Трговска Организација во Женева.