Првиот човек на УЕФА, Александар Чеферин, по денешниот итен состанок, имаше свое обраќање до јавноста. Чеферин, потврдил дека играчите кои ќе играат во Суперлигата, нема да можат да настапуваат за своите репрезентации.
„Фудбалскиот свет е обединет, владите се обединети, сите заедно сме против овој бесмислен проект. Играчите кои ќе играат во Суперлигата нема да можат да играат на светските и европските првенства. Нема да можат да ги претставуваат своите репрезентации“, рекол Чеферин.
Главна причина за Суперлигата, во која засега има 12 клубови се парите. Чеферин има поинаков став од одметнатите клубови.
„УЕФА 90 отсто од парите реинвестира во проекти. Суперлигата е во интерес на десет клуба. Основниот принцип не може да биде сменет. Тоа е нешто што трае вечно. За некои тоа не постои, за нов се важни само парите во нивните џебови“.
„Би сакал да ѝ се заблагодарам на комплетното фудбалско семејство и на сите фудбалски клубови, со исклучок на овие 12. Им благодарам и на владите на државите. Со оваа идеја им плукнаа во лицата на сите оние кои го сакаат фудбалот. Нема да им дозволиме да ни го земат фудбалот“, заклучил претседателот на УЕФА.