Димитров од Рига: Северна Македонија ги исполни сите барања за старт на пристапните преговори со ЕУ

пред 4 години

По латвискиот парламент, заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, денеска во Рига оствари средба со неговиот домаќин, министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевичс.

Во контекст на поддршката за пристапување во ЕУ што пријателска Латвија во континуитет ја изразува кон Северна Македонија и подготвеноста за споделување на сопственото искуство од процесот, вицепремиерот Димитров нагласил дека политиката на проширување претставува најважната алатка на надворешната политика на ЕУ за промовирање на мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, информираат од неговиот кабинет.

Соговорниците се согласиле дека е потребно заокружување на процесот за комплетирање на Европа преку интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, за што Северна Македонија ги исполни сите барања за старт на пристапните преговори со Унијата.

Во тој контекст, Димитров посочил дека Северна Македонија продолжува одлучно да ги спроведува реформските активности за реализирање на европската агенда, поради што е неопходно новата методологија за пристапни преговори, што воведува построги правила и зајакната условеност во клучните области, да биде операционализирана во евроинтегративниот процес на земјата, преку одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата.

Министерот Ринкевичс ја потврдил латвиската непоколеблива поддршка на европската перспектива на Северна Македонија, потенцирајќи ја важноста на отпочнување на преговорите со Унијата, што поскоро. Тој изразил надеж дека токму нашата земја ќе биде 28. земја членка на Унијата.

Share
Scroll to Top