Американците не ги бива за „soccer“ – колапсот на Бордо како поука

Американците не ги бива за „soccer“ – колапсот на Бордо како поука

пред 4 години

Француската фудбалска легенда Криштоф Дугари вели дека е фантастична вест што американските газди заминуваат од Бордо и покрај тоа што тоа значи дека сега клубот е пред финансиски колапс.

Деновите, апсолутно не се најдобри за американските сопственици на европски фудбалски клубови. По фијаското на Евролигата, со англиските клубови со американски газди (Манчестер јунајтед, Арсенал и Ливерпул), доаѓа фијаското на „Кинг стрит“, американскиот инвестициски фонд кој беше сопственик на шесткратниот француски шампион Бордо.

По нивното повлекување на „Кинг стрит“, најавено во четвртокот, иднината на 139 години стариот клуб (еден од најстарите во Франција) е неизвесна и потребни се 60-тина милиони евра за спас на клубот. „Кинг стрит“ беа газди на Бордо од ноември 2018 година, но пандемијата на КОВИД-19 и пропаѓањето на договорот за ТВ-правата (кој ветуваше рекордна заработувачка), Американците решија едноставно да кренат раце.

И пред ова, тие не беа најомилени кај навивачите. Во текот на летото тие објавија контроверзно ново лого на кое „Bordeaux“ беше далеку поголемо од „Girondins“, а во исто време заборавија на француската граматика и не го поставија потребното „de“, во потег кој јасно го симболизира нивното непознавање на историјата и културата на клубот.

Недостатокот на инвестиции во клубот предизвика и колапс на теренот – 11 порази во последните 13 меча ги поставија на 16. место во Лига 1, со сериозна опасност за можно испаѓање.

Дугари вели дека е завршена една неславна епизода.

„Ми се гади, тажен сум, но и ми олесна во исто време. Беше време овие кловнови да си заминат. Дојдоа тука да се обогатат на грбот на клубот и си заминаа со кратко соопштение. Немаа спортски проект и размислуваа само за парите кои ќе ги грабнат од ТВ-правата. Сите одлуки кои ги направија беа погрешни“, вели Дугари, поранешен напаѓач на клубот.

Можеби Ливерпул, Арсенал и Манчестер сити се „преголеми“ за да пропаднат, но во Франција, американските газди со нивната идеја за „soccer“ може да уништат еднаш голем клуб.

Бордо е пред банкрот – итно мора да најдат 60 милиони евра

Share
Scroll to Top