Сигурно е дека ќе биде потребна трета доза од кинеската вакцина на „Синофарм“ против Ковид-19, но не за сите вакцинирани, туку за оние што имаат послаб имунитет и за оние што воопшто немаат имунитет, вели Марија Гњатовиќ од Институтот за примена на нуклеарната енергија ИНЕП.
Таа додава дека е сосема јасно оти вакцините со понова технологија ќе создадат подолготрајна заштита од најмалку една година нагласувајќи дека сите вакцини се безбедни, а кинеските подоцна произведуваат антитела.
„Синофарм“ е многу безбедна класична вакцина, но е малку послаба. Недостиг на вакцината е тоа што таа дејствува подоцна“, рече Гњатовиќ.
Според неа, вакцинацијата дејствува така што оние лица што немаат антитела, а се во контакт со вирусот, развиваат заштита многу побргу додавајќи дека не биле потврдени никакви штетни ефекти по спроведувањето на вакцината.
„Станува збор за очекувани реакции – слабост, температура, болка на местото на убодот“, изјави Гњатовиќ.
Таа се осврна и на новиот вид на вирусот од кој се заразени голем број луѓе во Индија посочувајќи дека нема научни докази дали вирусот е поопасен во смисла на предизвикување потешка клиничка слика или побрзо ширење на вирусот, објавија медиумите во регионот.
„Овој вирус треба да се следи и строго да се контролира“, рече таа.