Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе донесе правило според кое нема да им биде дозволена регистрација во Серија А на тие кои планираат да се натпреваруваат во натпреварувања кои не се во организација на УЕФА и ФИФА.
Оваа одлука доаѓа по состанокот на Федералниот совет на ФИГЦ во Рим, каде што, секако, се зборуваше за пропаднатиот проект на Европската Суперлига, во кој помеѓу 12-те клубови беа и италијанските гиганти Јувентус, Интер и Милан. 11 клуба побараа од ФИГЦ казна за овие три клубови, но претседателот на ФИГЦ, Габриеле Гравина вели дека новото правило ќе биде потврдено во „националната реформа“ од јуни.
„Тие кои планираат да настапуваат во натпреварувања надвор од системот на ФИФА и УЕФА, ќе ја загубат поврзаноста со нашата федерација и ќе го напуштат нашиот шампионат. Не знаеме кој заминал, а кој не, но ова правило ќе биде воведено во националната реформа на крајот на јуни. Ако некој сака да си прави приватни натпреварувања, нема да игра во нашата лига“, вели Гравина.