Дваесет члена на едно семејство нападнале лекар пред болница во Индија, бидејќи се сомневаат дека нивниот роднина починал поради недостаток на кислород.
Во Индија дневно се регистрираат повеќе од 300 илјади заразени со коронавирус најмалку шест дена по ред. Експертите сметаат дека бројот на починати е значително поголем од официјалните 2.000 на ден, бидејќи евиденцијата е лоша.
Болниците се преполни, мртвите масовно се палат, а семејствата очајно се борат да најдат кислород за своите најблиски.
Дека луѓето почнаа да ги губат нервите, покажува и видеото на кое група луѓе го нападнале младиот лекар Сидант Тотл (25) кој се обидел да му помогне на мажот (65) во амбуланта на пат кон болницата.
Според „Мирор“, членовите на семејството на починатиот го шутирале лекарот, врз него фрлале разни предмети и го удирале со метални шипки. Тие веруваат дека човекот починал затоа што немало кислород, но лекарот тврди дека пациентот починал уште пред да биде примен во болницата во Пуне.
Се верува дека неодамнешните големи верски фестивали, како што е хинду-фестивалот Кумб Мела, на кој присуствуваа 3,5 милиони луѓе и предизборните митинзи во сојузната држава Западен Бенгал,на кои се собраа огромен број луѓе, се главниот фактор за повторно ширење на инфекцијата.