Иран успешно тестира кај луѓе домашна вакцина против Ковид-19

пред 4 години

Иран го објави својот успех во човечките испитувања на домашна вакцина против Ковид-19 наречена „фахра“ во спомен на починатиот нуклеарен научник Мохсен Фахризаде, пренесува ИРНА, додавајќи дека синот на Фахризаде учествувал во испитувањата како волонтер .

Првите клинички испитувања на вакцината, развиена од центарот при иранското Министерство за одбрана што Фахризаде го водеше, почнаа во март.

Иран досега разви неколку домашни вакцини за коронавирус. Третата фаза на испитувања на вакцината „КОВИран Баракат“ почна кон крајот на април. Директорот на научниот комитет при Иранскиот кризен центар против коронавирус,Мостафа Ганеи, рече дека вакцината би можела да биде одобрена за употреба месецов, а другите домашни вакцини би можеле да следат по два до три месеци.

Иран на 9 февруари почна бесплатна и доброволна кампања за вакцинација со употреба на руската вакцина „спутник В“. Земјата веќе доби седум серии вакцини.

Иран одлучи во првата фаза да го вакцинира персоналот за интензивна нега и потоа да премине на имунизација на други здравствени работници и лицата постари од 65 години. Земјата планира да почне и со производство на „спутник В“.

Share
Scroll to Top