УЕФА одобри „мерки за реинтеграција“ на 9 од 12-те клуба кои го предводеа неуспешниот проект за Европската Суперлига, оставајќи ги на страна Реал Мадрид, Јувентус и Барселона.
По разгледувањето на можните казни за клубовите од Суперлигата, УЕФА преку официјално соопштение потврди дека деветте преостанати клубови (Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Арсенал, Челси, Тотенхем, Ливерпул, Атлетико Мадрид, Милан и Интер) поднеле „декларација за посветеност“.
Тие ќе бидат казнети со 15 милиони евра, кои ќе бидат искористени за „развој на локалниот јуниорски фудбал низ Европа, вклучувајќи ја и Велика Британија). Клубовите исто така ќе загубат 5 отсто од приходите од клупските натпреварувања на УЕФА за една сезона.
Претседателот на УЕФА, Александер Чеферин ги пофали клубовите кои „направиле грешка“, а потврди дека федерацијата подоцна ќе одреди мерки за Јувентус, Барселона и Реал Мадрид, кои не се откажуваат од Суперлигата.
„Пред две недели кажав дека е потребна силна организација да се признае грешката, посебно во овие денови на социјалните мрежи. Овие клубови го направија тоа. Со прифаќањето на посветеноста за поправање на грешките кои ги направија, ова поглавје ќе биде ставено во историјата и ќе одиме напред во позитивен дух. Финансиските казни ќе бидат искористени за развој на младинскиот фудбал во локалните европски заедници. Истото не може да се каже за тие кои остануваат вклучени во таканаречената ‘Супер лига’ и УЕФА ќе се справи со тие клубови подоцна“, вели Чеферин.