Кафе-муабет со Наташа Јосифовска: Викенд-утрата се резервирани за семејството, а прошетките во природа станаа наша рутина

Кафе-муабет со Наташа Јосифовска: Викенд-утрата се резервирани за семејството, а прошетките во природа станаа наша рутина

пред 4 години

Пред новото нормално денот ми почнуваше со секојдневните балетски вежби за загревање и одржување на физичката форма, кои за секој балетски уметник се еден вид ритуал. Балетскиот час е време кога секој од нас е комплетно фокусиран на сопственото тело, време кога умствено се смируваме и подготвуваме за денот и работните обврски што нѐ очекуваат.
Откако сме во новото нормално, денот ми почнува со онлајн-наставата на ќерка ми. Но, пред да се впуштиме во денот, секогаш настојувам да одвојам неколку минути за себе и едноставно да уживам во утринската тишина.
Утринското кафе го пијам најчесто во друштво на мојот сопруг. Искрено, не сум голема кафеџика, ама особено уживам првото кафе да си го подготвам сама во тишината на денот што се буди.

И нормално дека секој ден можеби не е добар, но има нешто добро во секој нов ден. Навистина е така и му се радувам на секој нов ден…
Што се однесува до викенд-утрата, тие се резервирани за семејството. Тогаш утрата се опуштени, нема брзање, заеднички појадок и денот може да почне. Прошетките во природа од почетокот на пандемијата станаа наша рутина. Македонија е полна со восхитувачки убава природа, која остава без здив.

Ситуацијата што сите нѐ изненади и за која не бевме подготвени, всушност нѐ натера да се свртиме кон самите себе, кон семејството, кон нашата земја и да ја истражиме и запознаеме подобро. И таа е навистина прекрасна!


Во однос на убавината: покрај секојдневната утринска рутина, секое утро посветувам посебно време за заштита на кожата на лицето. Секое утро лицето го мијам со многу ладна вода. Ладната вода, покрај ефектот на моментно расонување, ги подобрува изгледот и тонусот на кожата, ја подобрува циркулацијата и поттикнува стегање на крвните садови, со што се намалуваат подочниците.

Потоа задолжително нанесувам хијалуронски серум за лице и крем за лице со висок заштитен фактор од УВА-зрачење. Приватно многу ретко се шминкам и секогаш внимавам таа да е дискретна со цел да се добие свеж и природен изглед на лицето.

Облеката, пак, ја избирам според потребите што ги налага одредена ситуација или настан. Пред сѐ, настојувам тоа да се удобни и квалитетни парчиња, во кои ќе се чувствувам пријатно и неоптоварено, но во исто време модерно и женствено.

На кафе со Наташа Јосифовска, истакната солистка во Балетот на НОБ

 

Share
Scroll to Top