„Ен-би-си“, веројатно, нема да го емитува „Златен глобус 2022“

пред 4 години

Телевизискиот оператор „Ен-би-си“ соопшти дека, веројатно, нема да го емитува „Златен глобус 2022 година“, поради зголемениот притисок од филмските работници врз Холивудската асоцијација на странски новинари (ХФПА), којашто е организатор на свеченоста.

Оваа одлука ја доведува во прашање иднината на еден од најстарите и најгледаните свечени настани во Холивуд. Критиките кон ХФПА, за недостиг на застапеност на малцинските заедници и поради етичка недоследност, достигнаа таква точка што Том Круз ги врати своите три „Глобуса“ во седиштето на Асоцијацијата. И многумина други најавуваат бојкот.

Како што телевизиската компанија наведува, следат реформи, но промената може да не дојде доволно навреме во однос на доделувањето идната година.

„Под претпоставка дека организацијата го спроведува својот план, се надеваме дека ќе можеме да ја емитуваме емисијата во јануари 2023 година“, се вели во соопштението.

ХФПА, долго критикувана и исмевана дури и од свои водители, беше жестоко нападната по февруарскиот истражувачки извештај во „Лос Анџелес тајмс“, кој посочува дека нема црнци меѓу 90-те члена со право на глас. Здружението потоа се обврза на сеопфатни реформи и минатата недела го одобри планот, меѓу другото, и за поголема застапеност на малцинствата во своето членство. Но, и покрај тоа, неколку студија се заканија дека ќе се повлечат од емиитувањето на „Глобусите“. Меѓу нив, и „Нетфликс“, „Ворнер брос“ и „Амазон студио“ најавија раскинување на врските со ХФПА ако таа побрзо не направи драстични промени.

Свеченоста „Златен глобус“, во продукција на „Дик Кларк продакшнс“ има значителен пад во рејтингот последниве години, но сепак се рангираат меѓу најгледаните награди – обично трети во САД, по Оскарите и Греми наградите. Годинашното 78. доделување на наградите „Златен глобус“, одржано на 28 февруари, привлече 6,9 милиони гледачи, што е пад од 63 отсто во однос на 2020 година, кога емисијата ја гледале 18,4 милиони луѓе.

 

Share
Scroll to Top