Јапонската влада денеска одобри две вакцини против Ковид-19, американската „Модерна“ и британско-шведската „Астразенека“, што може да ја забрза кампањата за вакцинација во таа азиска земја.
Министерството за здравство даде зелено светло за лица над 18 години да добијат две дози во растојание од неколку недели, објави новинската агенција „Кјодо“ и потсети дека веќе се користи американско-германската вакцина на „Фајзер/Бионтек“.
Вакцината на „Модерна“ ќе се дистрибуира во големите центри за вакцинирање каде што надлежност има армијата – во Токио и Осака, како и во некои други слични објекти кои беа преуредени од одредени префектури и општини.
Вакцината на „Астразенека“ нема да се користи веднаш поради стравувања од формирање на крвни згрутчувања, кои се пријавени во многу земји, изјави јапонското Министерство за здравство.
Програмата за вакцинација во Јапонија е одложена во споредба со развиените земји – од почетокот на кампањата во февруари, кога беа дадени дози на здравствени работници и жители над 65-годишна возраст, барем една доза од вакцината беше дадена на околу четири проценти од населението во Јапонија каде што живеат 126 милиони жители.
Јапонската премиерка Јошинида Суга, чија јавна поддршка падна поради критиките за реакцијата на владата за пандемијата, вети дека ќе вакцинира милион луѓе на ден и ќе ја заврши вакцинацијата на старите до крајот на јули.
„Кјодо“ додава дека најновото истражување на владата покажало дека 14 проценти од општините нема да можат да го исполнат тој рок, поради недостаток на лекари и медицински сестри.
Напорите за побрзо вакцинирање се забавени од технички проблеми поради проблеми со интернет.
Јапонија се согласи да купи 50 милиони дози вакцини на „Модерна“ до септември, 120 милиони дози на „Астразенека“ и 194 милиони дози на „Фајзер“.