Кина демантира дека вработени во лабораторија имале ковид уште во ноември 2019

пред 3 години

Кина деновиве одлучно ги демантираше пишувањата на „Волстрит журнал“, кој ги цитира американските разузнавачки служби според кои неколку членови на лабораторија во Вухан биле болни пред да се појават првите симптоми на вирусот во тој кинески град на 8 декември 2019 година.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи Џао Лиџијан изјави дека е целосно неточно оти тројца лабораториски техничари од Институтот за вирологија во Вухан се разболеле во текот на есента 2019 година, објави „Гардијан“. Во текстот на „Волстрит журнал“ се вели дека, врз основа на разузнавачките податоци на САД, лабораториските техничари имале симптоми карактеристични за Ковид-19 и за сезонски болести.

„САД продолжуваат да ја ‘пумпаат’ теоријата дека вирусот протекол од лабораторија. Дали се тие навистина загрижени за потеклото на вирусот или само се обидуваат да привлечат внимание“, запраша портпаролот. Тој исто така ја цитираше изјавата на Институтот во Вухан од март 2020 година, во која се вели дека институтот никогаш немал контакт со Ковид-19 пред 30 декември 2019 година.

Во посебен извештај, Си-ен-ен цитираше луѓе кои се запознати со содржината на извештајот, според кои разузнавачките служби сè уште не знаат од што биле болни кинеските лабораториски техничари.

„На крајот на денот, ништо не е целосно јасно“, изјавил за Си-ен-ен еден од изворите кој имал увид во разузнавачкиот извештај.

Share
Scroll to Top