САД потврдија дека подготвуваат список на насочени санкции против клучните членови на белоруската влада по присилното слетување на патнички авион и апсењето на новинарите во Минск.
Портпаролот на Белата куќа, Џен Псаки, вчера потврди дека администрацијата на претседателот Џо Бајден одлучи да го прекине договорот со Белорусија од 2019 година, со кој им се овозможува на авиокомпаниите од двете земји да го користат воздушниот простор на другата, и да преземат други активности против владата на претседателот Александар Лукашенко, пренесува „Ројтерс“.
Псаки рече дека САД, заедно со ЕУ и другите сојузници, подготвуваат списоци со насочени санкции против клучните членови на владата на Лукашенко, поврзани со постојаното кршење на човековите права и корупцијата, местењето на изборите во 2020 година и настаните на 23 мај.
Во изјавата американскиот официјален претставник го повика Лукашенко да дозволи независна меѓународна истрага за инцидентот на 23 мај, кога патнички авион на „Рајанер“ кој леташе од Грција за Литванија принудно слета во Минск поради лажно предупредување за бомба. А потоа белоруските власти го уапсија опозицискиот новинар Роман Проташевич, кој беше еден од патниците, потег осуден од државите на ЕУ и САД.
Претседателот Бајден во вторникот изјави дека санкциите против Белорусија се подготвуваат, без да наведе детали.
Минатата година САД воведоа санкции против осум белоруски официјални лица поради претседателските избори во август 2020 година, за кои Западот тврди дека биле наместени.