Помпео: Во Вухан и натаму се спроведуваат тајни експерименти

пред 3 години

Поранешниот директор на ЦИА и државен секретар на САД, Мајк Помпео изјави дека на Институтот за вирусологија во кинескиот град Вухан и натаму се спроведуваат тајни воени експерименти и истражувања и дека има многу докази дека коронавирусот протекол од лабораторијата.

Помпео ова го изјави неколку дена откако сегашниот претседател на САД, Џо Бајден, нареди да се спроведе разузнавачки процес за да се утврди потеклото на Ковид-19 вирусот во следните 90 дена.

„Со сигурност можам да кажам дека знаеме дека луѓето од таа лабораторија биле вклучени во соработка со Народноослободителната армија. Значи, таму во исто време се одвивале и воени активности , иако тие тврдеа дека станува збор за исклучително цивилни истражувања “, изјави Помпео.

Тој додаде дека Кина одбила да каже на што работат, а го одбила и пристапот на Светската здравствена организација (СЗО), заклучувајќи дека самата операција укажува дека таму се случуваат многу работи што не се познати.

„Таа лабораторија за тестирање на вируси сè уште е таму и работи. Најверојатно таму се прават тестовите што доведоа до протекување на коронавирусот од лабораторијата. Само кинеската комунистичка партија го знае одговорот, но целиот свет заслужува одговор и тие треба да ни кажат што се случило“, рече Помпео.

Тој изрази задоволство од наредбата на Бајден да се испита потеклото на вирусот.

„Се надевам дека истрагата ќе се спроведе сериозно. Разузнавачите ја следат оваа состојба многу подолго од 90 дена “, рече поранешниот директор на ЦИА.

Од почетокот на пандемијата минатата година, Помпео се залагаше за теоријата дека вирусот протекол од лабораторијата во Вухан, пренесуваат американските медиуми.

„Од пролетта 2020 година, постојат докази дека коронавирусот потекнува од лабораторија. Знаеме дека имало луѓе кои се разболеле таму, научници кои се разболеле таму “, рече Помпео, додавајќи дека вирусите во лабораториите биле модифицирани да бидат заразни и потенцијално смртоносни и дека сегашната администрација мора да го испита тоа.

Share
Scroll to Top