Секогаш кога земјава се наоѓа во исклучително важен момент за интеграциите, за иднината, Христијан Мицкоски излегува со груби невистини и ги поткопува државните позиции, вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
„Наместо да застане на иста страна, на страната на граѓаните, на страната на дражавните интереси, Мицкоски шири невистини, шпекулации, си поигрува со чувствата на граѓаните правејќи штета на процесите“, вели таа.
„Денеска во име на Мицкоски невистини зборуваше Антонио Милошоски, докажан извор на лажни вести, осуден во Германија, против кого се водат предмети и пред македонските судови. И тоа кажува доволно за нивните нечесни намери“, рече Кузеска навраќајќи се на прес конференцијата на Милошоски.
Апсолутно се неточни изјавите на Мицкоски кажани и преку Милошоски, рече портпаролката на СДСМ.
Според неа, ниту има нешто тајно, ниту се разговара за македонски јазик и македонски идентитет.
„До решение може да се дојде само преку дијалог. Но, македонскиот јазик и македонскиот идентитет не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на маса за преговори. Овој наш став е јасен, разбран и поддржан од граѓаните, но и од пошироката меѓународна заедница. Само Христијан Мицкоски делува деструктивно, само од Мицкоски нема никаква поддршка“, потенцира Кузеска. Таа порача дека Мицкоски треба да престане со антидржавните дејствија, бидејќи како што рече, граѓаните тоа не го заслужуваат.