Мицкоски: Заев јавно да каже што содржи документот кој се преговара со официјална Софија

пред 4 години

Зоран Заев денес вели дека е неодговорно што сум објавил статус во кој споделувам информации од дипломатски кругови, а кои се однесуваат на преговорите што ги води двоецот Заев – Бучковски со официјална Софија за потпишување уште едно предавство на македонскиот народ, идентитетот и македонскиот јазик, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на „Фејсбук“.

„Да, сметам дека е одговорно да се борам за националните интереси, секогаш и секаде. Но, потполно е неодговорно да вршиш национално предавство и да преговараш за историјата, јазикот и за нашата посебност рушејќи ги сите можни преговарачки позиции. Сето она што Заев го зборуваше во интервјуто на ‘Бгнес’ е тоа што сега многу лесно се дозволува да биде предмет на договорот што се преговара.

Двоецот Заев – Бучковски е најголемата опасност за македонските црвени линии, тие се најдобриот дар за бугарските позиции. Сето ова се случува додека дневниот криминал продолжува, а сиромаштијата се зголемува“, напиша Мицкоски.

Тој јавно го повика Заев да каже што содржи документот што се преговара од, како што вели, двоецот Заев – Бучковски и зошто тој се крие од јавноста?