Британскиот тенисер Енди Мареј вели дека и покрај проблемите со повредите продолжува затоа што едноставно го сака тенисот.
„Се чувствувам добро, не се чувствувам совршено, но добро тренирав во последниот месец дена. Тренирав на Вимблдон, прашање е дали телото ќе издржи и не можам со сигурност да тврдам дали тоа ќе се случи“ вели Мареј кој нема настап од март годинава по повредата на препоните.
Планирано беше да игра на турнирот во Нотингем минатата недела, но се откажа за да може да се подготви за турнирот во Квинс каде во првото коло игра против Французинот Беноа Пер.
„И понатаму играм затоа што го сакам тенисот и не гледам проблем. Не навредувам никого, никој не е повреден. Знам дека и понатаму можам да се натпреварувам со најдобрите во светот. Моето ниво и натаму е добро, само моето тело мора да издржи“ наведе во моментов 123-тиот тенисер во светот.
Мареј вели дека инспирација добива од колегата Роџер Федерер кој неодамна се врати на теренот по пауза од 16 месеци и двојна операција на коленото.
„Тоа за мене е совршен пример за некој кој го сака тоа што го работи. Кога ќе видам колку е мотивиран, за мене тоа е посебно. Кога го гледам помислувам тоа е брилијантно и многу научив од него“ вели Енди Мареј.