Француски суд ѝ наложи на „Икеа“ да плати еден милион евра за шпионирање на своите вработени во таа земја, откако водечкиот светски ланец за мебел беше прогласен за виновен за нелегално собирање и чување на податоци за вработените.
Француска подружница на шведскиот производител на мебел е обвинета за „демнење“ на работниците и нарушување на нивната приватност во текот на повеќе години што вклучувало прегледување на состојбата на нивните банкарски сметки и понекогаш ангажирање лажни работници за да ги шпионираат вработените.
Обвинителството побара казна од два милиони евра.
„’Икеа ритејл’ – Франција остро ја осудува оваа пракса, се извинува и спроведува сериозен план за акција за да спречи вакво нешто да се повтори“, се вели во соопштението на компанијата.