(Видео) Апокалиптични снимки по торнадото во Словачка, расте бројот на мртви

пред 3 години

Торнадо и силно невреме проследено со грмотевици, во четвртокот вечерта погоди неколку градови на југоистокот од Чешка и урна куќи до темел.

Според последните информации, потврдена е смртта на 3 лица, а повредени се повеќе од 200. Еден автобус се превртел, а сообраќајот на автопатот Д2 е во прекин.

Снимките што се појавија на социјалните мрежи покажуваат вистинска апокалипса што оставила пустош зад себе. Според чешките медиуми, пожарникари од други региони веќе пристигнале на местото на настанот, за да им помогнат на локалните.

Граѓани погодени од катастрофата веќе се хоспитализирани во локалните болници. Голем број повредени пристигнуваат и со приватни возила. Поради последиците од силното невреме, пожарникарите прогласија состојба на опасност од трет степен, соопшти полицијата.

„Ни помагаат спасувачи од регионот Злин, Оломоуц, Пардубице и Височина, но и од Словачка, а кон нас летаат и два хеликоптера од Австрија. Планот е да се пренесат пациенти на големиот паркинг на автопатот Д2“, изјави портпаролката на службата за спасување, Хедвика Кропачкова.

Според изјавите на очевидци, по невремето силниот ветер одеднаш се претворил во воздушен вртлог кој уништил покриви на куќи. Пожарникарите соопштија дека биле пријавени рекордни 300 интервенции за помалку од еден час.

Најлошо во ова невреме поминало селото Хрушки во регионот Брецлав, кое буквално било срамнето со земја откако поминало торнадото. Автомобили паѓале врз куќите, а локалната црква останала без покрив.

„Селото од црквата надолу практично не постои. Училиштето нема фасада, нема покрив, не успеав да стигнам до градинката. Вековни липи и смреки се искорнати од земјата“, опиша заменик-градоначалникот на Хрушки, наведувајќи дека има повредени.

Големи штети се потврдени и во Моравска Нова Вес, каде според градоначалникот, уништени се повеќе куќи во селото низ кое торнадото поминало по разурнувањето во Хрушки.

Share
Scroll to Top