(Видео) Андоновски: Изјавата на Закаријаш ги открива тајните и заткулисни игри на Заев со Бугарија

пред 3 години

Поминува веќе втор ден, а МНР официјално не реагира на срамното негирање на македонскиот јазик од страна на високи државни претставници на Португалија, посочи денеска Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ, во изјава за медиумите.

„Државната секретарка за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, не зборува само во свое лично име. Таа не е ниту политичар во пензија, ниту пратеник од опозиција, ниту независен аналитичар. Таа зборува за македонскиот јазик како дел од бугарскиот доаѓајќи од официјална позиција на Португалија“, објаснува Андоновски, додавајќи дека Закаријаш се наоѓала на највисоко политичко ниво во Европа, за време на португалското претседателство со ЕУ.

Според него, изјавата дека македонскиот јазик потекнува од бугарскиот, не претставува ништо друго освен откривање на тајните и заткулисни игри кои премиерот Заев ги игра со Бугарија.

„Штом високи португалски претставници зборуваат дека македонскиот јазик бил дел од бугарскиот, очигледно тоа било дел од преговорите кои Заев и Бучковски ги имале со бугарскиот претседател Румен Радев. Она што Зоран Заев веќе со месеци го крие од македонскиот народ е токму она за кое зборува Закаријаш во својот брифинг со новинари“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека непротивењето на овој обид за создавање нов вештачки јазик од македонскиот јазик, покажува на што сѐ се спремни луѓето од власта.

Андоновски го критикуваше и тоа што македонското МНР молчи и не испраќа официјална нота до Португалија.

„Бараме веднаш и без одлагање МНР да ја објави јавно комуникацијата со португалските колеги за да докаже дека протестирала на сквернавењето на македонскиот јазик. Второ – Кабинетот на Зоран Заев да ги објави стенограмските белешки кои мора да ги имаат од средбата со бугарскиот претседател Румен Радев. Да видиме дали се преговарало за негирање на македонскиот јазик или се бранеле македонските интереси“, нагласи претставникот на опозициската партија.

Share
Scroll to Top