Албанскиот премиер Еди Рама го спореди патот кон Европската унија со претстава на Семјуел Бекет, во која ликовите се согласуваат да одат некаде, но после тоа не се движат.
„Тоа го отсликува она што се случува тука. Повеќе немам некое чувство и многу сум сериозен. Веќе воопшто не чекам да се случи тоа, ниту го чувствувам она што го чувствував претходно, чекајќи нешто да се случи“, рече Рама на Преспа форумот во Охрид.
Тој додаде дека е потребно земјите од регионот да продолжат да се движат, бидејќи, како што вели, тоа е единствениот начин, наведувајќи дека балканските земји треба да се градат и да функционираат како и секоја земја-членка.
„Дали ќе бидеме или не дел од Европската унија, не зависи од нас. Тоа е надвор од наша контрола, ние не одлучуваме за тоа. Можеме да направиме многу работи додека е во тек вториот чин на Семјуел Бекет. Можеме да соработуваме во регионот, да работиме заедно и да ги подобриме работите, за да ја подобриме нашата економија“, рече Рама.
Како што наведе тој, заедничка акција на лидерите од регионот може да го олесни животот на сите граѓани кои живеат во него.
„Зошто да чекаме да станеме земја-членка за да тргуваме во регионот без пречки и чекање. Сè е во наши раце“, рече Рама и додаде дека ќе ги отвори границите на Албанија за да се доаѓа побрзо и без ограничувања.
Рама изјави дека има конфликти во регионот што треба да се решат, како што е, како што рече, конфликтот меѓу Србија и Косово, но таквите конфликти не треба, додаде тој, да ги држат другите неразвиени.
„Можеме да се согласиме или да не се согласиме за тоа прашање, но додека се обидуваме да го решиме, можеме да направиме нешто заедно. Можеби и тој проблем ќе стане помалку тежок за решавање“, процени Рама.