Автопатот Кичево Охрид е започнат во 2014-та година, со вкупна должина од 57километри. При примопредавање на власта во 2017-та имаше сериозен прогрес од приближно 50% и веќе цели 4 години не можеме да видиме дека овој процент драстично расте. Постојано нешто се допроектира, во континуитет се склучуваат нови анекси, се продолжува рокот на изградбата на автопатот и наместо да имаме готов автопат во 2018-та година се касни до тој степен што најновиот рок е 2024-та година. Со ова темпо и со ова неработење имаме сериозни сомнежи дека и овој рок нема да биде запазен. Само за потсетување претходниот рок од владата предводена од СДСМ беше 30 јуни 2021 година. И нормално, рокот е далеку од запазен. Неспособноста на СДСМ уште еднаш е покажана на дело, истакна на денешната прес конференција Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Побрза изведба на автопатот значи и помалку трошоци за буџетот на РМ. Надзор на неработење не постои. Доколку автопатот навремено беше завршен овие дополнителни трошоци ќе беа избегнати и ќе можеа овие средства од буџетот на РМ да бидат прераспределени за други проекти од интерес на граѓаните. Но нема план, нема стратегија, СДСМ има само желба за удобна власт. СДСМ магично успеаа да ја удвојат цената на чинење на автопатот при никаков прогрес на терен. И нормално, должината на автопатот остана иста“, истакна Митева.
Според неа, власта постојано се жали во реализирање на овој проект, се се тоа, како што рече Митева, оправдувања.
„Најнапред тврдеа дека трасата е промашена, Зоран Заев не ретко го говореше тоа, дури и од собраниската говорница и тоа им беше главната причина за неработење. Потоа во 2019та година министерот Благој Бочварски го демантираше Заев, самиот себе па и цело СДСМ и изјави дека трасата не била погрешна. Потоа откако оваа теза доживеа неуспех продолжија со тезата дека проектот не бил доволно добар и дека на некои места треба да се допроектира автопатот, а забораваат дека ревидираниот проект и тогаш и сега беше ист. И притоа на нивната приказна за допроектирање тие можеа да бараат оправдувања во 2017та па можеби и во 2018та година, но како тоа и во 2021ва година сеуште говорат за допроектирање на автопатот“, рече таа.
Според Митева, никој повеќе не верува дека СДСМ ќе успее да го заврши овој автопат. Зоран Заев и оваа влада не се способни, сметаат од нејзината партија.
„Овој автопат го започна со изградба претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ и овој автопат ќе го заврши идната влада предводена од ВМРО–ДПМНЕ. А криминалното и неспособно владеење на СДСМ ќе биде само лошо сеќавање“, нагласи Митева.