На житните полиња на „ЗК Пелагонија“ одбележан почетокот на жетвата

пред 4 години

Денеска, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, учествуваше на настан со кој свечено беше одбележан почетокот на жетвата на „ЗК Пелагонија“ АД Битола. Настанот беше организиран во едно од житните полиња на оваа компанија, која е една од водечките во рамките на агробизнисот.

„Нема поголема радост за земјоделецот, од онаа кога ги жнее плодовите од својот труд. А особено, кога годината е родна и жетвата е богата, па е најдобра награда за вложениот труд“, рече министерот и додаде дека, според податоците од подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, обработливата површина под пченица во 2021 година изнесува околу 79.000 хектари, што е зголемување за околу 7% во однос на 2020 година.

Оваа година, се очекува просечен принос од околу 3.200 до 3.500 килограми по хектар или вкупно околу 260.000 тони пченица.

Министерството за земјоделсво, шумарство и водостопанство го поддржува производството на пченица која е стратешки производ за нашата држава, преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и тоа со 12.000 денари по хектар, за засеана пченица со сертифициран семенски материјал. Пченицата како и другите житни култури, се поекономични и рентабилни доколку се произведуваат на поголеми површини. За таа цел, Владата и Министерството имаат предвидено поголема финансиска поддршка за засеана пченица со сертифициран семенски материјал, за површини од 5 до 50 хектари и тоа со поддршка од 14.400 денари по хектар, информира ресорното министерство.