(Видео) Зафировски: Филипче да ги спроведе мерките за спречување на делта-сојот од ВМРО-ДПМНЕ, па нека се фали дека се негови

пред 4 години

И покрај огромната бројка на починати од коронавирус во Македонија, Венко Филипче живее во филмот дека спроведувал мерки за заштита на населението, истакна Оливер Зафировски, член на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ефектот од работата на Филипче до сега е скоро 160.000 заразени од Ковид-19 и скоро 6.000 починати. Делта-сојот кој веќе во Македонија претставува опасност да избувне како нов бран на есен и да предизвика големи проблеми. Државите ширум светот спроведуваат ригорозни мерки при влез, а само во Македонија нема никаква контрола“, потенцира Зафировски.

Со цел да не биде предоцна, рече Зафировски, Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ претставува 15 предлог мерки, со цел спречување од ширење на штетите од делта-сојот на Ковид-19.

„Филипче наместо да се занимава со други активности основна цел треба да му биде да го заштити здравјето на сите граѓани во Македонија“, рече Зафировски.

Според него Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ предлага: Професионализација на Комисијата за заразни болести, забрзување на вакцинацијата против Ковид-19, зголемување на контролата на границите, достапност на тестирање за Ковид-19 на целото население, jасен и прецизен „Бел план” за здравствениот систем при новиот бран на Ковид-19.

Во предлог мерките според Зафировски се и зголемување на достапноста за рендген и лабораториските анализи за пациенти заболени со Ковид-19, актуелизирање и обновување на протоколите за третман на Ковид-19, мапирање на здравствениот персонал, план за пациентите со останати дијагнози, мапирање на здравствените капацитети, одредување на болници посветени за Ковид-19, мапирање на постоечката функционална апаратура, достапност на соодветен третман за пациенти со Ковид-19, достапност на лична заштитна опрема, пост-Ковид центри за пациенти коишто прележале Ковид-19.

„Да го организираше здравствениот систем немаше Македонија да биде на високото 5-то место на светската листа на починати на милион жители, немаше да има вакцинирано само 10 проценти од населението во Македонија. Филипче само лаже. Лаже дека го организирал здравствениот систем, лаже дека спроведувал мерки, лаже за набавка на вакцини и за што уште не, рече членот на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ Оливер Зафировски.