Османи: ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан

пред 3 години

Во рамките на учеството на овогодишниот Дубровник форум, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имаше свое обраќање на панелот на министри за надворешни работи, насловен „Меѓународната заедница и земјите од Западен Балкан: како да ставиме крај на карантинот?“

Во својот настап, Османи направи осврт на неодамна одржаниот Преспа форум за дијалог во Охрид, севкупниот реформски контекст поврзан со формалниот почеток на преговори со ЕУ, како и односот и очекувањата на земјите кандидати и претенденти за членство во ЕУ.

„ЕУ мора да најде начин за интеграција на Западниот Балкан, што би претставувало географска и политичка консолидација на европскиот континент. Toj процес е од стратешки интерес за двете страни и потребно е поголемо вклучување на земјите од регионот во дебатата за иднината на ЕУ, на начин како иницијално беше овозможено за време на Преспа форумот и панелот на конференцијата Иднината на Европа”, истакна Османи.

Во приближувањето на регионот до ЕУ, додаде тој, Брисел би морал да гарантира предвидлив и кредибилен процес, при што двете страни би се придржувале до прифатените обврски – испорачани реформи за формален почеток на преговори за членство, како за Северна Македонија и Албанија.

„Не постои друг начин Европа да биде целосна, освен интегрирањето на делот кој недостига”, додаде Османи.

На панелот учествуваа и заменик-премиерот и министер за надворешни работи и дијаспора на Косово Грвала-Шварц, министрите за надворешни работи на Црна Гора Радуловиќ, Албанија Џачка, Чешка Кулханек, Грција Дендиас, заменикот министер за надворешни на Босна и Херцеговина Бркиќ, специјалниот пратеник на ЕУ за Западен Балкан Лајчак, членот на Европскиот парламент Зовко, назначениот висок претставник за Босна и Херцеговина Шмид и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Србија, Старовиќ.

Share
Scroll to Top