Актерот Сашо Тасевски навлече гнев на социјалните мрежи по неговата објава со која јавно им се потсмева, ги дискриминира и омаловажува жените и девојчињата. Сето ова започна по објавата на министерката Мила Царовска по Самитот за лидерство за девојчиња и изјавата дека училиштето е место каде што треба да се развиваат лидерските вештини кај девојките, како и кај момчињата за да се почитуваат родовата еднаквост и различностите.
По ова се јави Тасевски со следнава објава, која според многумина не само што звучи дискриминирачки, туку простачки и заостанато: „Мила ќе ги учела девојчињата уште во основно школо да бидат лидери. Грав и летна манџа што нема да знаат да направат не е важно. Никој не јаде денес. Тоа е демоде. А машина за перење кој ќе ги научи да пуштат? Или тоа не важно? Освен да лидеруваш на пешкир-паради. Има кој да раѓа. Момчињата да речеме….“, е само дел од изјавата на актерот Тасевски.
На оваа прилично реагираа на социјалните мрежи дека оти не е првпат Сашо Тасевски да омаловажува .
„Овие изјави на Сашо Тасевски не претставуваат омаловажување на министерката, туку и на целиот женски род. Со овие изјави само се зацврстуваат родовите стереотипи според кои улогата на жената се сведува на машина за раѓање и одгледување деца и за вршење на работи во домаќинството, но и се влева страв од каков било прогрес на позицијата на жената. Поистоветувањето на жените со лидерки или домаќинки, односно со две крајности кои не оставаат избор за ништо помеѓу неминовно влијае на зацврстување на стереотипите, но и на зголемување на општествената поделеност. Секоја жена треба да има еднакви можности за избор да го прави и работи она што го сака, а не да биде сведена на традиционално предодредени, застарени и крајно дискриминирачки родови улоги“, е само дел од статусот кој го споделуваат жените на социјалните мрежи.