Бројот на жртви од катастрофалните поплави во западна Европа се искачи над 150

пред 3 години

Бројот на загинати во катастрофалните поплави во западна Европа се искачи над 150, додека спасувачите се обидуваат да ги расчистат разурнатите области и да спречат понатамошни штети.

Нивото на водата во многу градови е сè уште многу високо, куќи и натаму се уриваат, а спасувачите трагаат по преживеани во најзагрозените делови на западна Германија, пренесува „Ројтерс“.

Според денешните проценки на полицијата, најмалку 133 лица загинале во поплавите, вклучително и околу 90 лица во областа Арвајлер јужно од Келн, а стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати.

Околу 700 жители биле евакуирани доцна синоќа, а во текот на последните неколку дена поплавите доведоа до прекинување на дистрибуцијата на електрична енергија и телекомуникации во покраините Рајнска област-Пфалц и Северна Рајна-Вестфалија.

Во извештајот на АП се наведува дека поплавите зафатиле и делови од Белгија и Холандија и дека најмалку 20 лица загинале во Белгија.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер планира денеска да отпатува за Ерфштат, југозападно од Келн, каде вчера беше спроведена тешка операција за спасување и им беше укажана помош на луѓето кои останаа заробени во урнатините на нивните куќи.

Претседателот Штајнмаер рече дека е „вџашен“ од пустошот предизвикан од поплавите и апелираше за помош за семејствата на жртвите и градовите кои претрпеа катастрофа, објави претходно лондонски „Гардијан“.

„Во тежок момент, нашата земја е обединета. Важно е да покажеме солидарност со оние кои беа погодени од поплавите”, рече германскиот претседател.

Иако Европската служба за предупредување од поплави издаде предупредувања на почетокот на минатата недела, експертите се прашуваат зошто е толку голем бројот на жртви, а хидрологот Хана Кок оценува дека се случил „монументален системски пропуст“.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер посочи дека Германија мора да биде многу подобро подготвена во иднина, оценувајќи дека поплавите се резултат на климатските промени.

Холандскиот премиер Марк Руте прогласи состојба на национална катастрофа во јужната провинција Лимбург, објави „Ројтерс“.

Холандските власти започнаа со евакуација на големи делови од градот Венло, а на жителите на помалата општина Мерсен исто така им било кажано да ги напуштат своите домови.

„Има огромна дупка во браната, веднаш напуштете ги своите домови и побарајте безбедно место“, објавија надлежните служби во Мерсен.

Армијата подоцна успеала да ја зајакне браната во близина на Мерсен, објави радиото Л1, но налозите за евакуација останале на сила.

 

Share
Scroll to Top