Скопска тура за деца, инспирирана од книгата „Мистериозниот град под калето“ на Александра Тодоровиќ ќе се случува в понеделник на 26 јули.
Собирот ќе почне пред Триумфалната капија во 9 часот.
„На обиколката може да учествува секој кој сака да патува во времето“, велат организаторите на настанот.
Временската машина е самата книга, а водичи се Александра Тодоровиќ и јунаците кои живеат во приказната.
Предвидено е прошетката да почне во автобус кој од Триумфалната капија ќе се упати кон Кале. Оттука ќе продолжи кон Мустафа-пашината џамија и Свети Спас. Патем ќе се застане и на лимонада и слатки во Старата скопска чаршија, па ќе се продолжи кон Чифте Амам и Сули ан. Организаторите најавуваат многу забава и игри за време на прошетката.