post-image

58 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје: Потресни сведоштва на скопјани од кои и денес лазат морници

пред 3 години

Денеска се одбележуваат 58 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје на 26 јули 1963 година, рано утрото во 5 часот и 17 минути. Земјотресот со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, целосно го разурна градот. Загинаа 1.070 луѓе, а преку 4.000 беа повредени. Половина век подоцна старите скопјани и понатаму со тага и многу емоции се сеќаваат на земјотресот. Тие раскажуваат потресни приказни за тоа како го преживеале еден од најстрашните денови во историјата на Скопје. Дел од нив се запишани во историските книги на градот.

Сведоштво на граѓаните

Во една зграда таа ноќ само еден прозорец бил осветлен. Инженер работел на своите трудови кога сè почнало да се урива. Сите негови, целото семејство спиело. Тој ја зел ќерката од креветот и заедно со душекот и со постелата ја завиткал и ја фрлил од четвртиот кат. Девојчето паднало на еден полковник, кој не можел да ја задржи и таа се лизнала на асфалтот. Паднала, но падот бил ублажен. Девојчето било повредено, но останало живо. Инженерот, жена му и синот загинале. Зградата се урнала по вториот потрес, раскажал еден сведок.

Војник ги спасувал преживеаните, не знаел дали мајка му е жива

Очевидец војник кој ги вадел мртвите и ранетите од разурнатиот хотел „Македонија“ во центарот на градот,одамна раскажал како еден ден пред катастрофата пристигнала мајка му во посета на Скопје.

„Вечерта побаравме соба за ноќевање на мајка ми во хотелот ‘Македонија’, но сè беше полно. Го молевме портирот од хотелот ‘Скопје’, но и таму залудно. Одвај ја сместив во хотел ‘Турист’, а јас заминав во касарната. Утрото веднаш по земјотресот нашата единица се симна во градот. Јас бев во екипата за спасување кај хотелот ‘Македонија’. Извлекував ранети, а и повеќе мртви од урнатините. Бев како во бунило. Ги носам мртвите надвор, а мислам на мојата мајка. По некое време дознавам дека и хотелот ‘Скопје’ е разурнат. Ме опфати тага. Почнав да плачам, но сè уште влегувам во урнатините. Си замислувам како други војници ја откопуваат мојата мајка. Дури подоцна разбрав дека ‘Турист’ не се урнал. Тогаш во солзи, но со поголем елан се нафрлив врз паднатите ѕидови на хотелот. Плачев и работев“, раскажал тој.

Пронашле жива девојка четири дена по земјотресот во урнатините

13-годишната ученичка Соња потресот ја разбудил од сон. Скокнала да види што се случува, но прозорецот бил затрупан, горните катови веќе биле урнати. Исплашена, побегнала во аголот и легнала на подот, меѓу плакарот и каучот – тој при вториот потрес го задржал таванот од горниот кат. Соња била згрчена во тесен простор. Плочата од таванот над неа била едвај 20 сантиметри. Почнала да вика, но урнатините го задушиле нејзиниот глас. Не била повредена и тоа ѝ помогнало да издржи, иако не можела да се помрдне. Поминувале часови. Извесен период била будна, но потоа заспала. Kога се разбудила, почувствувала дека е жедна. Грлото ѝ горело, јазикот ѝ бил сув, а устата полна со прав. Во таква положба немала ориентација за време. Поминале петокот, саботата, неделата и дури во понеделникот чула како се копа над неа. Бетонската плоча почнала да се спушта, сè се кршело околу неа. Се исплашила и почнала да вика со последните сили. Спасителите се изненадиле, се израдувале. Тој ден ваделе само мртви. Прво направиле отвор од каде што ѝ дале вода. Kога ја извлекле од урнатините, ја прашале дали знае колку време била затрупана. Одговорила: „Мислам неколку часа“. Но, Соња била таму три дена, три ноќи и пет часа.

Во зграда на улицата Орце Николов, која речиси била срамнета со земја, цели 30 часа спасувачите ваделе само мртви. Извадиле 56 тела и никој не се надевал дека некој може да преживее во урнатините. Но, оттаму, 30 часа по земјотресот, извадиле живи три деца, браќа. Најстариот имал 20 години. Весниците веќе пишувале за него. Во 1962 година, во поплавата во градот тој помогнал да се спасат повеќе од 20 граѓани. Откако биле затрупани, татко му од другата соба му кажал дека мајка му починала. Помалите браќа биле со него во неговата соба. Тој почнал да копа, да се пробива педа по педа, а неговите браќа лазеле по него. Најпрво копал со раце, потоа нашол некое железо. По 30 часа постојано копање, здогледал светлина. Почнал да вика и луѓето надвор го слушнале. Излегле како ништо да не се случило. Родителите подоцна им ги откопале мртви.

Земјата се тресела 20 секунди

Разорниот земјотрес на 26 јули 1963 година траел 20 секунди. По неколку минути се случил и вториот силен потрес. Според очевидците, овој втор потрес е виновен за големиот број жртви. Многу луѓе останале заробени во објектите по првиот удар, а по вториот се урнале веќе разнишаните згради. Земјата се тресела уште долго.

Се смета дека епицентарот на земјотресот бил околу Злокуќани. Се случил на длабочина помеѓу пет и седум километри и затоа што бил многу плиток, бил и многу разорен, со штети и жртви. Земјотресот бил почувствуван на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар.

Во потресот животот го загубија 1.070 луѓе, а над 4.000 беа повредени. Беа урнати 15.800 стана, а оштетени 28.000. Над 200.000 луѓе останаа без дом.

Според информациите, тој ден во Скопје се случиле 67 земјотреси, од кои многу биле со магнитуда над 5. На 27 јули имало 22 потреси, на 28 јули – 25, а исто толку имало и на 29 јули. До 26 август, еден месец по првиот земјотрес, во Скопје се случиле 322 земјотреса.

Share
Scroll to Top