Основачот на хуманитарното здружение „Проект среќа“, Кристина Арнаудова, веќе неколку месеци со донации реновира домови на социјално загрозени лица од Македонија, а вчера конечно им ги предаде клучевите од новите домови на две семејства. Таа и нејзиниот тим истовремено ги реновираа становите на семејства од Скопје и од Штип кои претходно живееле во многу лоши услови.
Кристина не ги криеше емоциите што успеа да израдува не една, туку две фамилии и да им ги подобри условите за живот преку проектот на кој работи скоро една година, „Проект куќа“. Таа откри дека вчерашниот ден бил еден од најтешките, но и најубавите што ги имала во последно време. Прво им ги даде клучевите на семејството Грковски во Скопје, а оттаму со екипата замина во Штип.
„Уф, колку многу емоции“, вели таа, па додаде: „Денес имавме неверојатен ден. Го предадовме старо-новиот дом на семејството“ и откри дека тие ја изненадиле со торта.
Кристина, која го почна „Проект куќа“ лани, како дел од нејзиното здружение „Проект среќа“, кое се занимава со хуманитарна работа, рече дека самата си создала предизвик и мисија да го подобри животот барем на неколку семејства. Таа преку социјалните мрежи и преку своите пријатели, често бара донации од фирмите во земјава, за работи што ѝ се потребни да се реновира некој дом. Но, не заборава ни да ги пофали и да им се заблагодари на сите што со својата донација помагаат да се реновира запуштениот и разрушен дом на некое семејство.
„Решив да го започнам овој предизвик. Совршено време е сега и веднаш. Совршени услови за работа не постојат. Сами ги создаваме. Некогаш потешко, некогаш полесно. Немам поим дали ќе успеам, но верувам во себе и луѓето што ми помагаат“, рече Кристина кога го почна овој хуманитарен проект.