Авионот Ц-27 Спартан на романското воено воздухопловство, кој е специјализиран за гаснење пожари и има капацитет од дејствување со 6 тони вода врз пожарите, пристигна во земјава и може веднаш да започне со операција за гаснење на пожари. Авионот ќе дејствува во беровскиот регион, соопштија од Министерството за одбрана.
Според центарот за управување со кризи станува збор за специјализиран авион кој носи пожарникари и 6-тонски кеси кои се полнат со вода и при летање на подрачјето тие се пуштаат и во форма на падобран бомба се распрскуваат врз огнот.
Од Министерството за одбрана соопштија дека Армијата е распоредена на терен над селото Будинарци да помогне пожарот да не се доближи до селото.
„Армијата успеа да организира сите хеликоптери вклучени во гасењето на пожарите да полнат гориво во близина на кризните точки каде што се гаси – со тоа ќе се скрати времето помеѓу две дејствувања и ќе се зголеми количината на исфрлена вода, брзината и ефикасноста во операциите. Уште рано утрово, армиските хеликоптери веќе се активни во источниот регион“ стои напишано на нивната Фејсбук страна.