Првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, денеска во Државниот архив го предаде оригиналниот документ на Охридскиот рамковен договор, за истиот да биде архивиран, 20 години по потпишувањето на спогодбата.
„Исклучително сум задоволен што по две децении недостасување на оригиналниот документ на Охридскиот договор, потпишан од 7-те негови потписници, конечно успеавме да го пронајдеме и да го доставиме до местото каде што припаѓа, во Државниот архив. Многу сум благодарен на директорот и заменик-директорот за денешната средба и можноста да го доставам оригиналот на овој документ до местото каде што треба да се архивира“, рече првиот вицепремиер.
Според него, оваа мисија е веќе завршена и оригиналниот документ е на вистинското место.
„Мисијата на 20-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор беше да се пронајде оригиналот на овој документ што го потпишаа 7 функциониери – 5 лидери на институции од нашата земја и двајца меѓународни преставници Џејмс Пердју и Франсоа Леотар, едниот од САД, другиот од Европската Унија, бидејќи секоја година на годишнината од Охридскиот договор главна вест беше недостатокот на оригиналниот документ и тоа се толкуваше како негрижа на државата кон самата важност на договорот“, објасни Груби.