Полскиот парламент во средата го усвои предлог -законот со кој стави крај на можноста Полјаците, вклучувајќи ги и преживеаните од Холокаустот и нивните потомци, да си ја вратат сопственоста над имотот одземен за време на комунистичката ера.
Претседателот Анджеј Дуда сега има 21 ден да го потпише предлог –законот иако има законска можност и да стави вето. Израелските и американските власти го осудија овој потег на полската власт.
„Го осудувам законот донесен денес во полскиот парламент зашто им штети на споменот на Холокаустот и на правата на неговите жртви“, изјави израелскиот министер за надворешни работи, Јаир Лапид.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, од своја страна, го повика претседателот Дуда да не го потпише предлог -законот или, во согласност со овластувањата што му се дадени како претседател, да го упати предлог -законот до Уставниот суд на Полска.
„Длабоко сме загрижени што полскиот парламент усвои закон што строго го ограничува процесот за преживеаните од Холокаустот и нивните семејства, како и други еврејски и не-еврејски сопственици на имот, да добијат надомест за имотот неправедно конфискуван за време на комунистичката ера во Полска,“ посочи Блинкен.
Гидеон Тејлор, претседателот на операции во Светската еврејска организација за реституција, изјави за „Џерусалем пост“ дека се огорчени од гласањето во долниот дом на Полска.
„Ако претседателот Дуда го потпише овој предлог -закон, полската влада ефикасно и законски ќе ја исклучи можноста вистинските сопственици да обезбедат надомест за она што им беше одземено,“ вели тој.
Тејлор посочи дека Полска не е одговорна за она што го направи нацистичка Германија за време на Холокаустот, но нагласи дека повеќе од 30 години по падот на комунизмот, Полска се уште има корист од овој неправедно стекнат имот.